Translations:Yirmi Üçüncü Lem'a/11/mk
Бев повикан во посета на Анкара во годината 1338 (1922) и бев сведок на радоста и на славењето на верниците поради поразот на Грција од страна на исламската војска, но во бранот на тоа славење забележав и страшно неверство како се наѕира расипано и подло, и со своите расипани сфаќања се вовлекува во цврстото верување на верникот, за и него да го расипе и да го затруе. Во едно послание на арапски јазик напишав цврст и остар доказ кој го обезглавува тоа неверство, а неговите значења и идеи ги црпев од светлината на овој благороден ајет, за да ја потврдам неспорноста на постоењето на Аллах, џ.ш., и очигледноста на Неговото едноштво. Го испечатив во печатницата „Јенигун“ во Анкара. Меѓутоа, не ја забележував делотворноста на тој цврст доказ во давањето отпор на расколништвото и во запирањето на неговото напредување и вовлекување во сфаќањето на луѓето. Причина за тоа била неговата изразена краткост и воопштеност, покрај малубројноста на познавачите на арапскиот јазик и реткоста на луѓето кои во тоа време биле заинтересирани за него. Така, на голема жалост, заблудата на атеизмот се рашири и ги зарази широките народни маси, што ме присили на повторно пишување на тоа послание и на неговите докази на турски јазик, со уште некои доработки и појаснувања.
Со оглед на тоа дека дел од тие докази се веќе доволно разработени во некои од Посланијата на Нур, тука ќе ги наведеме воопштено. Некои други докази се наоѓаат во делови на други Посланија и се појавуваат во рамките на ова Послание, така што како секој од тие докази да е дел и од ова Послание.